Едуарда Аморим го чинеше ЧСМ Букурешт 60.000 евра

Поранешната ракометарка на Кометал ЃП, Едуарда Аморим, која по санкциите на ЕХФ за руските клубови реши да го напушти Ростон Дон, воопшто немаше проблем да најде нов клуб, потпиша за ЧСМ Букурешт од Романија, но во романскиот вицешампион одигра помалку од два месеци, кои беа последни во нејзината играчка кариера.

Според романскиот портал „ГСП“, краткорочното ангажирање на екс репрезентативката на Бразил го чинело ЧСМ Букурешт 60.000 евра, сума во која се пресметани сите трошоци за нејзиниот ангажман, како и платата.

Во ЧСМ Букурешт, моментално, има прераспределба на структурите во раководството на клубот, а некои членови од раководството не сакаат да се повтори истата ситуација како со Аморим и поради тоа, трансферите на Крина Пинтеа и Лора Глосе од Ѓер во ЧСМ Букурешт се неизвесни.

Ѓер за двете ракометарки бара оштета бидејќи имаат активни договори со унгарскиот клуб. ЧСМ Букурешт за Пинтеа и Глосе треба да плати 42.000 евра. За голманката на Франција, Лора Глосе, раководството на романскиот тим треба да плати 30.000 евра, додека за репрезентативката на Романија оштетата изнесува 12.000 евра.

За следната сезона, ЧСМ Букурешт ги ангажираше Евелина Ериксон од Вајперс Кристијансад, Марина Судакова од ЦСКА Москва и репрезентативките на Франција, Грас Заади и Калидиату Ниакате, кои во ЧСМ Букурешт ќе пристигнат од Мец, односно Брест Бретањ.