„Еден милион евра за мене? Па јас не сум Роналдињо…“

Романската ракометарка Оана Манеа која беше дел од најдобрите денови на Валчеа кога ја испишуваа историјата на клубот во домашното првенство и на европската сцена раскажа како го пропуштила трансферот на кариерата во Ѓер.

Манеа имаше импресивна кариера во романскиот ракомет, а се пензионираше во 2019 година во дресот на ЧСМ Букурешт. Таа ја освои Лигата на шампионите во сезоната 2015/16 со ЧСМ, а во дресот на Валчеа настапуваше 12 години.

„Имав понуда од Ѓер во 2006 година, во тој момент сакав да играм таму. Луѓето од Валчеа не ме пуштија, а имав покана од Ѓер и добив понуда. Се обидов да разговарам со клубот да ми дозволат да заминам но ми побараа еден милион евра. Им реков дека јас не сум Роналдињо. Тоа беше претерана сума“, рече Манеа за романскиот „ГСП“.

После овој неуспешен трансфер Оана Манеа одигра само една сезона за странски клуб, а тоа беше Крим од Љубљана. Поранешната ракометарка стигна во словенечкиот шампионат во 2013 година откако се распушти тимот на Валчеа.