Егзодусот во ЦСКА Москва продолжува – Ана Грос го раскина договорот

По Катрин Хеиндал, репрезентативката на Словенија, Ана Грос реши да го напушти рускиот шампион, ЦСКА Москва. Одлуката за прекин на соработката меѓу двете страни беше официјално објавена на клупската страна на московскиот клуб.

Ракометарката од Словенија, која во ЦСКА Москва пристигна на почетокот на оваа сезона, беше една од главните играчи во составот на Флорентин Пера.

Сепак, настаните кои се случија во изминатиот период вклучувајќи ја и суспензијата на ЕХФ за клубовите од Русија и Белорусија, беа главна причина за заминувањето на Хеиндал и Грос од ЦСКА Москва.

„Играјќи за ЦСКА Москва запознав многу прекрасни луѓе, нова култура и голем град. Затоа, многу сум благодарна за времето поминато во московскиот клуб. Секогаш ќе ги паметам нашите одлични игри, навивачите и одличниот однос на клубот кон мене. Штета што мојот настап за ЦСКА Москва се покажа краток. Навистина сакав да постигнам голем успех и да освојам многу трофеи со ЦСКА Москва“, изјави Грос.

Искусната ракометарка нема да има проблем да најде нов клуб за следната сезона бидејќи пред да пристигне во ЦСКА Москва имаше голем број на понуди од моќни клубови.