Европски Куп: Гигов и ПАОК ќе бркаат пет гола негатива за пласман во трето коло

Викендов беа одиграни првите натпревари од втората фаза од Европскиот Куп во машка конкуренција. Свој настап имаше и голманот од Македонија, Виктор Гигов, кој со екипата на ПАОК на гостувањето во Хрватска кај Сесвете беа поразени со 29:24.

Гигов и неговите соиграчи доколку сакаат да обезбедат пласман во третата фаза во третото по ранг европско натпреварување ќе треба на реванш дуелот во Солун да слават со најмалку шест гола разлика, или со пет гола, па патникот во следната фаза да биде одлучен на пенали.

Македонецот во дуелот против Сесвете имаше 42% успешност на одбранети удари, односно девет интервенции. Реванш дуелот меѓу ПАОК и Сесвете ќе биде одигран во Солун на 6 ноември. Настап во втората фаза имаа уште 16 балкански клубови, додека Партизан од Србија на 4 и 6 ноември во Белград ќе ги одигра двата дуели против екипата на Х71.

Поволен резултат пред реванш дуелите од балканските екипи обезбедија екипите на Рико Рибница, Олимпијакос, Горање, АЕК Атина, Панчево, Војводина и Горица. Пред елиминација се наоѓаат Борац, Слобода Тузла, Извиѓач и Пилаја. Во третата фаза се пласираа екипите на Грачаница, Кремс, Ред Бојс Диферданж, Полва Сервити, Висе, БК-46 и Фајверс.