Европските купови влегуваат во завршна фаза, започнува борбата за Ф4 во ЛШ и ЛЕ

После репрезентативната пауза и баражите за СП ракометарите се вратија на клупските обврски, а покрај домашните првенства продолжуваат и натпреварувањата во европските купови кои влегуваат во завршна фаза.

Први на терените кои ќе бркаат фајнал-фор ќе бидат екипите во Лигата на Европа. Во четвртфиналните дуели ни претстојат интересни средби, а Македонија ќе има еден претставник, Кире Лазаров кој со својот Нант ќе има тежок испит против Магдебург.

Првите натпревари од четвртфиналето се на програмата на 26 април, додека реваншите се играат за 3 мај.

ЛИГА НА ЕВРОПА, МАЖИ, ЧЕТВРТФИНАЛЕ

КАДЕТЕН – ВИСЛА ПЛОЦК
БЕНФИКА – ГОРЕЊЕ
НАНТ – МАГДЕБУРГ
НЕКСЕ – ГОРЕЊЕ

Во Лигата на Европа за жени преостанува само да се одигра фајнал-форот кој е закажан за викеднот 14 и 15 мај. За титулата ќе се борат Хернинг Икаст, Битигхајм, Баја Маре и Виборг.

ЛИГА НА ЕВРОПА, ЖЕНИ, ПОЛУФИНАЛЕ

ХЕРНИНГ ИКАСТ – БИТИГХАЈМ
ВИБОРГ – БАЈА МАРЕ

Исто така и Лигата на шампиони за мажи е во иста фаза од натпреварувањето, односно четврфинале што е последен филтер пред завршниот турнир. Во најквалитетното друштво ни претстојат големи пресметки помеѓу најдобрите европски екипи.

Посебно не би можел да се издвои еден пар каде што не се очекува голема неизвесност, до последната секунда од сите четвртфинални пресметки веројатно нема да се се знае кој ќе оди во Келн.

Веспрем кој го елиминираше Вардар во осминафиналето, за проптивник ќе го има минатогодишниот финалист Алборг, а бранителот на титулата Барселона ќе игра против Фленсбург за пласман на Ф4. Првите четвртфинални дуели се на 11 и 12 мај, додека реваншите се играат на 18 и 19 мај.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, МАЖИ, ЧЕТВРТФИНАЛЕ

ФЛЕНСБУРГ – БАРСЕЛОНА
ПСЖ – КИЛ
ВЕСПРЕМ – АЛБОРГ
МОНПЕЛЈЕ – КЕЛЦЕ

Во женската Лига на шампиони веќе е познат еден патник на завршниот турнир, а тоа е француски Мец кој обезбеди пласман после дисквалификацијата на Ростов од натпреварувањето. Крим после елиминацијата на Ференцварош за пласман на фајнал-фор ќе се бори против бранителот на титулата Кристијансанд.

ЧСМ Букурешт откако го прескокна осминафиналето кое требаше да го игра со ЦСКА Москва во четвртфиналето ќе се сретне со Есбјерг. Можеби најинтересен ќе биде двомечот помеѓу минатогодошните учесници на фајнал-форот, Брест и Ѓер. Овој меч се игра на 30 април, додека останатите два на 1 мај.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ЖЕНИ, ЧЕТВРТФИНАЛЕ 

БРЕСТ – ЃЕР
КРИМ – КРИСТИЈАНСАНД
ЧСМ БУКУРЕШТ – ЕСБЈЕРГ

И третото по квалитет европско натпреварување е во завршна фаза, а тоа е Европскиот куп за мажи во кој изминатиот викенд се одиграа првите полуфинални натпревари и екипите на Баја Маре и Драмен обезбедија предност пред реваншите кои се играат на 30 април и 1 мај.

ЕВРОПСКИ КУП, ПОЛУФИНАЛЕ

АЛИНГСАС – БАЈА МАРЕ (28:34)
НАЕРБО – ДРАМЕН (27:30)

Во Европскиот Куп во женска конкуренција останува да се одигра уште финалниот двомеч помеѓу шпанските претставници Малага и Гран Канарија. Првиот меч на кој домаќин ќе биде Гран Канарија се игра на 8 мај, додека реваншот е една недела подоцна на 14 мај.

ЕВРОПСКИ КУП, ЖЕНИ, ФИНАЛЕ

МАЛАГА – ГРАН КАНАРИЈА