Европскиот првак ќе ја брани титулата

Актуелниот шампион во Лигата на шампионите во женска конкуренција, Вајперс Кристијансад е вториот патник во финалето на Ф4 турнирот во Будимпешта откако со одличната игра во второто полувреме дојде до убедлива победа против Мец, со резултат 27:33 (15:14). Вајперс Кристијансад за противник во финалето го има унгарскиот гигант, Ѓер, кој во првото полуфинале беше подобар од Есбјерг со 32:27.

Ракометарките на Мец имаа добар старт на натпреварот, поведоа со 3:1 во воведниот дел, но шампионот на Норвешка за неколку минути игра го израмни резултатот на 3:3 и го презеде водството, кое го одржуваше до последната минута од првото полувреме. Искусната голманка на Вајперс Кристијансад, Катрин Лунде, за петнаесетина минути имаше пет интервенции, додека нејзините соиграчки кон крајот на првата половина од првиот дел дојдоа до највисокото водство од плус четири гола разлика, 7:11.

Избраничките на Оле Густав Гјекстад во неколку наврати имаа и пет гола разлика, но при крајот на првото полувреме францускиот тим целосно се врати во игра. Вајперс Кристијансад од 20 минута, па сѐ до крајот на првиот дел не успеа да постигне погодок. По водството на Вајперс Кристијансад од 9:14, екипата на Мец направи одлична серија од 6:0 и на пауза замина со минимално водство од 15:14.

Мец во првите десет минути од првото полувреме успеваше да ја одржи стекнатата предност од првиот дел. Во 40 минута, Вајперс Кристијансад преку Наес Андерсен го презеде водството, поведе со 19:20, а минута подоцна, Јерабкова зголеми на 19:21. Од тој момент започна доминацијата на актуелниот европски шампион.

Претставникот од Норвешка започна да ја зголемува предноста и на петнаесетина минути пред крајот дојде до пет гола разлика, 20:25. Мец не можеше да направи нешто повеќе, прогласи капитулација во последниот период од дуелот и му даде шанса на актуелниот шампион да се надева на уште една титула во елитното европско натпреварување.

Најефикасна во победничката екипа беше Маркета Јерабкова со 12 погодоци од 16 обиди. Одлична меѓу стативите беше голманката, Катрин Лунде со 16 интервенции. Во составот на Мец се истакна Бруна Де Паула со пет погодоци.

Финалето и натпреварот за трето место ќе се одиграат утре. Дуелот за титулата меѓу Ѓер и Вајперс Кристијансад е закажан за 18:00 часот, додека натпреварот за бронзениот медал, во кој ќе играат екипите на Есбјерг и Мец, ќе се одигра во терминот од 15:15 часот.