Драчево и Шампион одиграа дерби, a се задоволија со по еден бод

На дуелот меѓу градските ривали во плеј-оф групата од Првата машка лига меѓу Драчево и Шампион немаше победник откако во последните секунди и двете екипи не искористија шанса за да стигнат до три поени и одиграа нерешено со 28:28.

Во текот на целиот натпревар имаше надигрување и неизвесност. Шампион имаше подобро отворање на дуелот и беше во постојана предност. Почетните 3:0 дадоа дополнителен елан, а потоа следуваше и зголемување на плус четири, 6:2 што беше можност за водство до крајот на полувремето.

Шампион имаше предност од 14:12 на полувреме, а потоа во 34. минута дојде до нерешени 15:15 така што тука средбата влезе во надигрување кое траеше до последните секунди. Шампион повторно имаше предност од три гола, водеше со 22:18, а потоа следуваше завршница во која Драчево се врати и поведе со 28:27 така што успеа да стигне до шанса за победа.

Гостите израмнија, а на 28 секунди до крајот после тајм-аутот домашните можеа да нападнат за победа. Место тоа драчевци беа неснаодливи и ја загубија топката додека гостите немаа многу време па биеја од својата половина на теренот што не беше доволно добра шанса за загрозување на голот на противникот така што на крајот двете екипи мораа да се задоволат со по еден поен.

ДРАЧЕВО – ШАМПИОН              28:28 (12:14)

Сала: ОУ „Круме Кепески“ во Скопје. Судии: Исмаил Металари и Ненад Николовски од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

ДРАЧЕВО: Павловски, Станиќ, Ристовски, Димовски 1, Дабевски 11, Атанасовски, Петровски, Јаховиќ, Ангелов 7, Андовски 2, Соколовски, П. Тевдовски, Матовски 4, Пејковски, Петковски 3, М. Тевдовски.

Седмерци: 8/10, Исклучувања: 8 мин.

ШАМПИОН: Ангелов, Ацев, Ивчески, Игнов, Манојлоски, Мишоски, Даев 4, Кочаров 3, Јанакиевски, Стоилковски 1, Налетовски, Миланов 6, Стојановски 6, Олтовски 4, Сарашов 1, Дрпљанин 3.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 10 мин.