Драчево држи чекор за елитата, лесно го совлада Шампион!

Ракометарите на Драчево во натпревар од 4. коло од прволигашкиот плеј-оф остварија сигурна победа против Шампион со 31:28.

Младиот тим на Шампион парираше до половината на првиот дел, во кој двете екипи играа во егал. По нерешените 5:5, гостинскиот тим влезе во посакуваниот ритам, се одлепи на 8:5, и со неколку мини серии постепено градеше сигурна предност, која на полувреме изнесуваше плус шест гола разлика, 19:12.

Избраниците на Велимир Настески во вториот дел успеаја да зголемат на максимални десет гола разлика (24:14). Поради убедливото водство, дојде до пад во играта на гостите, по што тимот на Шампион ја искористи опуштеноста на ривалот, заигра поангажирано и се избори за поблаг пораз.

Најефикасни во победничката екипа беа Ѓорѓи Дука со осум и Филип Дабевски со шест погодоци. Кај Шампион отскокна Алекс Маркоски, седум пати се запиша во листата на стрелци.

Драчево сега на табелата има 28 бодови, три повеќе од Аеродром, кој в петок игра со актуелниот лидер Мулти Есенс. Дебитантот се наоѓа на водечкото место со 33 бодови и е на добар пат да обезбеди директен пласман во Супер лигата.

За потсетување, првите две екипи ќе обезбедат пласман во македонската елита, додека третопласираниот ќе игра бараж.