ДРАМА: Металург РА со гол по истекот на времето до триумф кај Драчево!

Во плеј-оф конкуренцијата од Првата лига ракометарите на Металург РА ја остварија третата победа откако на гостувањето кај екипата на Драчево славеа победа од 29:30 во неизвесна завршница.

Гостите силно започнаа, во почетните минути поведоа со 0:4 и најавија дека се дојдени по цел плен. Драчево во продолжението се обидуваше да се врати во игра, но тешко им одеше, постојано имаа три-четири негатива.

Сепак домашниот тим во завршните минути од првото полувреме усепа да намали и да се доближи на само гол заостанување. На паузата Металург РА имаше водство од 16:17, а на почетокот на вториот дел Драчево израмни и најави голема борба за бодовите до крај на мечот.

Во текот на второто полувреме гостите повторно успеаја да се одлепат и да го контролираат резултатот. Во завршницата се влезе со 28:28, беше 29:29, но гостите подобро се снајдоа и во неизвесен финиш стигнаа до победата.

Победничкиот гол беше постигнат од пенал по истекот на времето од страна на Филип Фидановски за голема радост на избраниците на Миле Бочкаровски.

Најефикасен во екипата на Драчево беше Филип Дабевски со десет гола, а шест постигна Бобан Андовски, додека во победничкиот тим Филип Фидановски со десет гола беше прв стрелец, а Лазар Додиќ погоди осум пати.