Драма во „Јане Сандански“, но без победник: Македонија и Фарски острови ги поделија бодовите

Македонија не успеа да ја искористи постојаната предност против селекцијата на Фарските острови и мораше да се задоволи со еден поен во тешкиот натпревар кој заврши со 24:24.

Почетокот на средбата го добија репрезентатиките на Македонија кои одиграа многу подобро во одбраната. Покривањето на просторот и движењето во одбраната овозможи да се создава разлика, а во нападот одлично се казнуваше.

Јанкуловска почна да го полни голот на Фарските острови, па тоа носеше резултат и даде можност Македонија да има 8:4 после 13 минути игра.

Одбраната на Македонија беше веројатно изненадување за противникот така што во овој период донесе резултат. Сепак, во моментите кога мораше да се направат измени за да се дојде до малку здив кај дел од ракометарките дојде и до губење на ритамот и на предноста.

Противникот почна да намалува и да се враќа во игра. После само две минути беше 8:6 за Македонија, а потоа неколку минути се чуваше предноста. Водството беше 2-3 гола до финишот на првиот дел кога противникот речиси со сирената погоди за 14:13 на одмор за Македонија.

Во вториот дел од средбата, Македонија успеа да се врати на предност од три гола. Имаше 17:14 после пет минути игра. Овие три гола беше тешко да се контролираат бидејќи и заморот го правеше своето, па не можеше да се издржи во ист ритам во сите 60 минути.

Како е доближуваше финишот до крај така стануваше јасно дека нема да биде воопшто лесно. Секоја акција мораше да се одработи до погодок за да се успее, а тоа почна да дава резултат во последните моменти од средбата. Девојките успеја на нешто повеќе од седум минути да имаат 23:20 така што тука најавија нова победа. Место да се влезе во сигурен финиш тука беа промашени два удари од седум метри. Тоа ги чинеше девојките губење на предноста и во 57. минута беше 23:23.

Савевски мораше да бара тајм-аут. Сепак, нападот за водство не беше искористен, па противникот поведе со 24:23. На ова имаше одговор преку Ризоска за 24:24 на минута до крај.

Иако ракометарките на Фарски острови ја загубија топката следуваше напад за победа, но дојде до прекомбинирање, а топката заврши во аут, па мораше да се спасува реми. Фарски острови имаа осум секунди за напад. На крајот беше 24:24 и двете селекции мораа да се задоволат со по еден поен.

Јанкуловска со осум, Џатевска со пет и Миновска и Арсениевска со по четири беа најефикасни во Македонија, додека Палсдотир со пет погодоци беше прв стрелец на Фарските острови.