Драма во Ѓорче Петров: Трајановски херој на Македонија, го запре шутот за реми на Астраион

Ракометарите на Македонија Ѓорче Петров ја остварија третата победа во групата А од Првата лига откако во неизвесен натпревар на домашен терен славеа минимална победа против Астраион со 31:30.

Натпреварот го одбележаа повеќе пресврти на резултатот, почетното водство беше на страна на Македонија ЃП која поведе со 9:5. Но следуваше враќање на екипата на Астраион која до полувреме го презема водството и по 30 минути имаше 16:17.

Добрата игра на гостите продолжи и на почетокот на вториот дел кога стигнаа до највисоки три позитива. Македонија ЃП израмни на 25:25, а веднаш потоа и го презема водството кое го сочува до крај.

Завршницата беше многу драматична Македонија ЃП имаше водство и напад за потврда на победата, но не реализираа и остана време за Астраион кој имаше шанса за израмнување. Но последниот удар на Иванче Ончев го сопре голманот Дејан Трајановски за победа на својот тим.

Предводник до победата на домашниот тим беше Владимир Спировски со 12 погодоци, а Мартин Велковски постигна пет гола. Иванче Ончев уште еднаш беше најефикасен во тимот на Астраион со 13 гола но и тоа не беше доволно да остварат позитивен реузлтат.