Драма во Португалија – Порто ја сруши Висла Плоцк!

Екипата на Порто, во која настапува Никола Митревски, во првото коло од Лигата на шампионите славеше над Висла Плоцк со 24:23.

Полскиот вицепрвак во најголемиот дел од првиот дел беше во резултатска предност. Иако Порто водеше со 4:2 во воведниот дел, избраниците на Хавиер Сабате направија серија од 6:0 и кон средината на првото полувреме дојдоа до 8:4.

Висла Плоцк до 20-та минута водеше со три до четири гола разлика, но во финишот од првиот дел целосно се опушти, па клубот на Митревски успеа речиси да се врати во игра. По водството на Висла Плоцк од 11:7, домаќинот со серија од 3:0 намали на 11:10.

До крајот на полувремето, гостинот постигна уште два гола, додека Порто реализираше еднаш, па така резултатот на полувреме гласеше 13:11 во корист за гостите од Плоцк.

Вториот дел започна со голот на Житников, рускиот репрезентативец беше ефикасен за 14:11. Порто во 45-та минута се избори за камбек, откако изрamni на 17:17.

Целосниот пресврт настана минута подоцна, тимот на Порто додаде уште два гола во низа и дојде до два гола разлика, 19:17. Последните петнаесетина минути минаа во голема неизвесност, домаќините одржуваа минимална предност од еден до два гола разлика и на крајот се израдуваа на освоените бодови.

На голот на Порто шанса доби 19-годишниот Диего Рема, кој натпреварот го заврши со 10 интервенции.