ДРАМА во Неготино: Џабе 14 гола на Кузманов, Драчево се спаси со пенал во последните секунди!

Ракометарите на Вардар Неготино и Драчево одиграа драматичен прволигашки натпревар кој заврши 31-31, откако гостите реалзираа пенал во последните секунди од мечот.

По дури 13 израмнувања на резултатот до 13-13, домашните првпат направија предност од плус два, 15-13, а во финишот на полуремето имаа и 17-15. Сепак искусниот Иван Ангелов со двата гола во последната минута му донесе реми на Драчево пред паузата, 17-17.

Во второто полувреме Драчево беше тимот што диктираше резултат и водеше со плус два, 17-19, а ја одржуваше до 20-22, кога избраниците на Аце Станковски измамнија на 22-22 и повторно почна резултатска клацкалка.

Повторно се играше гол за гол буквално до самиот крај. Драчево водеше со 29-30, но неготинци со два гола преку Кузманов и Грозданов стигнаа до 31-30 и беа пред победа. Сепак по тајм-аутот на Настески, Драчево организираше брз напад и доби пенал.

Пеналот го реализираше Дабевски за реми, 31-31 и голем бод за Драчево во борбата за врвот и пласманот во Суперлига. Најдобри стрелци кај Вардар Неготино беа Кузманов со 14 гола и Грозданов со пет, додека кај Драчево, Димовски даде 11 погодоци, а по седум Дабевски и Андовски.

Интересен факт е што на овој дуел беа досудени дури 16 пенали, по осум за двете екипи и сите беа реализирани, а имаше дури 24 израмнувања на резултатот. Драчево сега има 15 бодови на третото место на табелата, а Вардар Неготино е седми со четири бода.