Драма во Гевгелија: Узунчев стрелаше за радост на Партизан во меч со 17 исклучувања!

Последниот меч од викенд програмата во Првата лига меѓу Партизан Гевгелија и Кичево имаше драматичен финиш. Во дуел со дури 17 исклучувања, гевгеличани славеа со голот на Тодор Узунчев со 27-26.

Во првото полувреме домаќините водеа најчесто со еден до два гола разлика, но до паузата успеаја да стигнат и до плус три, 13-10.

Избраниците на Зоран Кајтазов ја имаа истата разлика, 20-17, но гостите беа упорни и направија пресврт, 20-21. Кичевци во продолжение водеа со по еден гол разлика, а во последната минута се влезе со резултат, 25-26 за гостите.

Најпрво гевгеличани преку Димитар Узунчев израмнија на 26-26, а потоа искористија уште една грешка на гостите и го постигнаа победничкиот гол. Немаше време за нешто повеќе и бодовите останаа во Гевгелија.

Најдобри стрелци кај Партизан беа Тодор Узунчев со десет и Ѓорѓе Банцалиски со шест голови, додека кај Кичево се истакна Кристијан Смилески со седум погодоци.