Драма во Автокоманда – Куманово избегна пораз со гол во последните секунди!

Дерби натпреварот меѓу Металург и Куманово од 8. коло од плеј-оф фазата во Женската лига заврши без победник, 22:22 откако во последните секунди, Алмеида Коста Андреза со гол од пенал не дозволи Куманово да доживее капитулација. Иако, ракометарките на Куманово доминираа во првите 30. минути, сепак во второто полувреме цели 22 минути беа без постигнат гол од игра.

Избраничките на Јулијана Дамчевска направија голем број на грешки во првите минути, кои беа причина за водство на Куманово од 4:1 во воведниот дел. На моменти, голманката на Металург, Амра Илјаз бранеше на ниво, но нејзините соиграчки не ја искористуваа ситуацијата кога имаа ракометарка повеќе, па така место да го намалуваат резултатот, дозволуваа лесни погодоци во својата мрежа.

По петнаесетина минути игра, гостинките од Куманово имаа плус четири гола предност, 8:4. Металург единствено преку играта еден на еден успеваше да дојде до голот на гостинките. Во следниот период Куманово продолжи да игра на солидно ниво и беше во константно водство. На десетина минути пред крајот на првото полувреме резултатот беше 9:6 за Куманово.

По водството на Куманово од 11:7, следуваа два гола во низа на домаќинките за минус два гола разлика, 9:11. Гостинките со погодоците на Кипријановска и Алмеида дојдоа до повторно водство од плус четири, 13:9. Во последните минути немаше поголема промена на резултатот, а на пауза гостинките заминаа со водство од 14:11.

Младеновска на почетокот на второто полувреме имаше успешна реализација за минус два, 12:14. Куманово имаше голем пад во играта и дозволи домаќинките целосно да се вратат во игра. Сепак, при водство на Куманово од 15:13, ракометарките на Металург на двапати не реализираа за еден гол негатива.

Металург со четвртиот гол на Божиновска конечно успеа во својот поход, намали на 14:15. Арсениевска во 40. минута од натпреварот донесе еуфорија во спортската сала „Автокоманда“ кога го изедначи резултатот на 15:15. Двете екипи повеќе од пет минути не можеа да постигнат погодок. Лошата игра на гостинките беше прекината во 46. минута со голот на Алмеида за 16:15, но за само неколку секунди Младеновска изедначи на 16:16.

Во 50. минута, Металург за првпат поведе на натпреварот, 17:16. Водството на домашниот состав беше надоградено преку Божиновска за 18:16. Во последните три минути се влезе во неизвесна завршница бидејќи Куманово дојде до израмнување, 19:19. Металург беше пред триумф на овој натпревар, но во својот последен напад направи грешка. Алмеида Коста Андреза со гол од пенал не дозволи Куманово да доживее капитулација, донесе голем бод за својот тим.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката од Куманово, Алмеида Коста Андреза со 12 постигнати погодоци. Кај Металург одлична партија одигра Ивана Арсениевска, која постигна девет гола во мрежата на Куманово.

ТАБЕЛА