Драматичен финиш: Металург РА со полн плен, неготинци пропуштија шанса за бод

Ракометарите на Металург РА забележаа победа во 4. коло од прволигашкиот плеј-оф над Вардар Неготино со еден разлика, 28-27.

Домашните отворија со водство од 6-2, но упорнните гости се изборија за реми 9-9 и до крајот на полувремето се играше гол за гол и на пауза се замина со 14-14. Во вториот дел предноста на Металург РА се движеше од два до четири погодоци, но неготинци го направија финишот многу интересен.

На три минути до крај беше 28-25, пред Вардар Неготино преку Пеовски кој стрелаше два пати по ред да намали на 28-27 во последната минута. Домашните не реализираа, неготинци тргнаа во контранапад, но имаа лошо додавање и шансата за бод отиде во неповрат.

Најдобри стрелци кај Металург РА беа Андрија Мандиќ со седум и Лазар Додиќ со шест погодоци, додека кај Вардар Неготино по седум гола дадоа кадетскиот репрезентативец Ѓорѓи Ташев и Петре Пеовски.