Драматичен крај во Автокоманда – Аеродром со полн плен

Ракометарите на Аеродром го забележаа четвртиот триумф во прволигашкиот плеј-оф, откако славеа против Металург РА со 26-24.

Имаа аеродромци водство од 5-2 во првиот дел, но упорните ракометари на Металург РА стигнаа до израмнување, 5-5. Во продолжение се играше најчесто израмнето, иако во финишот на полувремето повторно попушти концентрација на металурзи, па Аеродром со плус три замина на пауза, 15-12.

Во вториот дел Аеродром водеше со 17-13 и можеше многу порано да го реши победникот. Сепак дозволи ривалот да се доближи на минус еден на десетина минути до крајот, 22-21.

Се играше гол за гол, но Аеродром секогаш водеше со плус два, а металурзи бркаа негатива. Во последните две минути домашните водеа со 26-24, Металург РА не успеа да организира добар напад и триумфот остана за домашните.

Иван Митревски беше најдобар стрелец со осум гола во тимот на Аеродром, додека кај Металург РА се истакна Филип Фидановски со девет гола.