Драматичен дуел за старт: Шампион водеше со плус пет, но Металург РА на крајот освои бод

Денеска стартуваше прволигашкиот плеј-оф со три меча, а интересен и драматичен натпревар одиграа Шампион и Металург РА, кој заврши 26-26. Домашните во првиот дел беа тие што го диктираа темпото и најчесто водеа со два до три гола разлика, а до крајот на полувремето обезбедија и плус четири, 15-11.

На стартот на второто полувреме избраниците на Слободан Чивлачки стигднаа до највисоки плус пет, 17-12, но гостинските ракометари го искористија падот на концетрација кај ривалот и полека ја топеа негативата.

Момците на Владимир Глигоров најпрво стигнаа до 20-20, а потоа се играше гол за гол. Шампион водеше со 25-24, но Металург РА влезе со предност од гол разлика, 25-26 во последната минута.

Есад Дрпљанин од пенал израмни на 26-26, двете екипи имаа шанси за полн плен, но не ја искористија шансата. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Дрпљанин со десет и Миланов со четири погодоци, а кај Металург РА се истакна Димевски со осум погодоци.