„Дома немавме туш, а на зима морав да сечам дрва за огрев“

Пикерот на Келце и репрезентацијата на Белорусија, Артем Каралек игра се подобро во дресот на полскиот првак. Тој во изјава за сајтот на клубот говореше за неговото детство.

Каралек потекнува од сиромашно семејство, но со помош на неговите родители успеал да стигне до тоа што е денес. Белорусинот не ги заборава најблиските и веднаш штом почнал да заработува повеќе изградил куќа за своите родители.

„Јас не сум од богато семејство, секогаш живеев надвор од градот и немавме луксуз. Сите работеа но не можевме да си дозволиме сè што сакаме. Во нашата куќа немаше туш, а кога ќе дојдеше зима морав да сечам дрва – вистинско село. Нашите родители се обидоа да ни го дадат тоа што го сакаме и не ни бранеа ништо. Да не беа тие јас денес немаше да бидам тука. Штом заминав во Франција и почнав да заработувам повеќе пари веднаш решив да изградам нова куќа за моите родители во Белорусија. Кога татко ми имаше здравствени проблеми и после тоа сакаше да се врати на работа, но не дозволив. Во Белорусија таква е реалноста, неговата плата беше 150 долари. За среќа денес имам такви можности и претпочитам да им помагам на моите родители“, изјави Каралек.

Каралек е член на Келце од 2018 година, кариерата ја започна во белорускиот тим Кронон Гродно, а потоа играше и за СКА Минск. Во 2016 година го има првото интернационално искуство кога заминува во Франција, во екипата на Сен Рафаел. Истоа така Каралек е дел од репрезентацијата на Белорусија.