Додиќ и Србија го срушија европскиот првак!

Репрезентацијата на Србија ја оствари првата победа на Европското младинско првенство во Португалија, откако во 2. коло го совлада бранителот на титулата, Германија, со три гола разлика, 33:30 (16:17). Во претходното коло, српската репрезентација ремизираше против Исланд, кој денес загуби од Италија.

Избраниците на Ѓорѓе Теодоровиќ со подобрата игра во вторите 30 минути дојдоа до важни бодови и веќе со една нога се пред пласман во главната фаза. Германија во последниот период имаше неколку шанси за камбек, но не можеше да направи нешто повеќе во дуелот со расположените ракометари на Србија.

Ракометарот кој може да одигра на сите бековски позиции, Милош Кос, беше предводник во репрезентацијата на Србија со 11 погодоци од 16 обиди, додека ракометарот кој можеби ќе остане во дресот на Вардар и во следната сезона, Стефан Додиќ, четирипати се запиша во листата на стрелци. Кај Германија најефикасен беше Максим Орлов со шест гола.

Србија во последното коло ќе игра против репрезентацијата на Италија. На младите ракометари на Србија потребно ќе му биде и нерешен резултат за пласман меѓу 8-те најдобри репрезентации на младинскиот континентален собир.