„Добро ја знаеме Македонија, сакаме во Србија да се вратиме со медал“

Репрезентацијата на Србија утре против Македонија ќе игра за бронзениот медал на Медитеранските игри во Алжир.

Србија во полуфиналето беше поразена од Шпанија со четири гола разлика, 42:38, но во најголемиот дел од натпреварот, ракометарите на Србија беа рамноправни против „црвената фурија“, а на моменти имаа и резултатска предност.

Голманот на Србија, Милан Бомаштар, кој брани во солидна форма на Медитеранските игри верува во позитивен резултат на неговата репрезентација.

„Ќе се подготвуваме за Македонија како што се подготвуваме за секој наш натпревар. Македонците добро ги познаваме, одигравме два пријателски натпревари со нив минатиот јуни и мислам дека повеќето помлади играчи од нивната лига кои беа во тој состав сега учествуваат на Медитеранските игри. Ќе се подготвиме максимално затоа што мислам дека ако бидеме на нашето посакувано ниво, ако играме како што игравме против Италија, Тунис и Шпанија, можеме да победиме. Сакаме да ја наметнеме нашата игра и да се вратиме во Србија со освоен медал“, изјави  Бомаштар за официјалната страна на ракометниот сојуз на Србија.

Натпреварот за трето место меѓу Србија и Македонија ќе се одигра со почеток од 12:30 часот. Репрезентациите на Египет и Шпанија, кои ќе се борат за освојување на златниот медал, ќе играат во терминот од 17:30 часот.

Србите самоуверени пред Македонија: Ако играме исто како во полуфиналето, бронзата нема да ни избега