Добри вести за шампионот на Полска: Три компании и навивачите ќе го спасуваат Келце

Екипата на Келце се наоѓа во тешка ситуација и пред неколку дена се појави информација дека тимот може и да престане со своето постоење. Сепак, се чини дека работите се поправаат односно дека може да се дојде до спас и до продолжување на постоењето.

Првиот човек на клубот, Бертус Сервас, вели дека има компании кои би сакале да вложат во клубот така што останува да се види како ќе се одвиваат работите во следниот период и кои од заинтересираните фирми ќе влезат во клубот.

„После прес-конференцијата која ја одржавме во средбата на која објавивме дека имаме проблеми со буџетот, до нас стигнаа понуди од три нови компании кои ни ставија до знаење дека се подготвени да станат спонзори. Покрај тоа и три поранешни спонзори изразија желба да се зголеми износот на спонзорирање. Имаме и еден сериозен кандидат кој сака да стане нов спонзор со поголем влог, но со амбиции за титула. Во преговори сме. Сигурен сум дека ќе успееме да се снајдеме и дека клубот ќе продолжи на истото ниво како и досега“, вели Бертус Сервас.

Како дел од помошта за клубот почна и кампања на Интернет каде што се бара да се собере сума од 2,5 милиони злоти (околу 550.000 евра) во период од 60 дена. Само првиот ден беа собрани 77.000 злоти, а веќе следниот ден сумата се зголеми на 107.000 злоти.

„Сумата што се бара да се собере е доволна за одржување на сегашниот состав. Веќе ги намаливме договорите. Прашање е кое е нивото на кое сакаме да биде клубот. Сепак, за околу две недели ќе бидиме некои резултати, тогаш ќе ги донесеме првите одлуки“, коментира првиот човек на клубот.

Дали ова значи дека Келце ќе успее да ги задржи сите ракометари и да продолжи во силниот состав ќе се знае за неколку дена што значи дека за брзо ќе се види дали Келце останува конкурентен и следната сезона.