ДНЕВНИКОТ од Краков : Ден за одлука на каде ќе тераме

Краков, 17 јануари: Последни натпревари од групната фаза на СП и за нас последен ден во Краков. Следната дестинација ќе зависи од тоа како ќе се одвиваат работите вечерва во, за нас, решавачкиот натпревар со Аргентина.

А, потоа ќе видиме на каде ќе тераме.

Победа не носи во втората фаза во Катовице. Пораз не носи во Президент купот во Плоцк. Ја разгледуваме првата опција, за втората не размислуваме многу.

Кој еднаш дошол тешко се разделува од Краков. Тоа го констатирав милион пати досега, а ќе ви го потврдат и безмалку сите што се овде. Па токму затоа, и една од опциите за која најмногу навиваме ние „краковците“ е да остане „базата“ во Краков и од тука да патуваме на натпреварите во Катовице, ако таму игра Македонија. Така ем нема да се селиме, ем ќе ги покриеме и двете групи од главната фаза и таа во Катовице и таа во Краков. Првенството влегува во главната фаза, квалитетот се концентрира, а во двете групи од полската страна на шампионатот ќе биде и тоа како интересно. Доволно аргументи за уште синоќа по брза постапка да побараме продолжен престој во апартманот на „Старовишлна“ кој ептен ни се погоди и за работа и за вистински краковска кафе-пауза. И да навиваме за позитивен исхот и во „Таурон Арена“ и на „букинг“.

Блиску ни е и нема-нема, ете не кај катедралата на договорена средба или само на прошетка за да ти се разбистри главата од тастатурата. Кај да се свртиш ќе сретнеш некој од нашите. И горе кај замокот и долу низ уличките црвенее по некој македонски шал и се слушаат навивачите излезени да го искористат последниот ден во Краков. Потивко е од вообичаено на местата каде што се собираат Македонците, но сончевиот ден, невообичаено топол за јануари во Краков, некако ни го поправа расположението и ја крева надежта дека и Македонија ќе се крене по двата порази и ќе успее да се пласира во следната фаза.

Да погодиме барем еден од таргетите, па да тргне малку нагоре работата. А, и да не бидат залудни илјадниците километри што ги поминуваат верните македонски фанови за да бидат со македонската репрезентација. Многу ќе се собере ако и вечерва, не дај Боже, ја утнеме работата.

Последната победа на македонската репрезентација на големите натпреварувања (не ги рачунам баражите и квалификациите  колку и да се тие за нас оние најважните), датира од 18 јануари 2021 против Чиле (32-29), прва и единствена во оној хаотичен настап на СП во Египет како „прва резерва“. А, последната победа против европска репрезентација ни е уште пред короната, запишана на 10 јануари 2020 против Украина на ЕП 2020 во Виена.

Кога веќе оставив друштво да се сонча на краковското сонце под катералата и се вратив дома да го допишам дневникот оставен на пола, барем и да „ископам“ по некоја бројка од архивата. Па после ќе го фаќам „Чиерни Маки“ за Таурон Арена.

Што ќе биде вечерва? Колку и да се обидуваме да не мислиме на исходот од последниот натпревар во групата, неизвесноста се надвиснува како облак над краковското зимско сонце.

Изминативе денови се измешаат и погледите и емоциите околу македонската репрезентација. Реултатите и уште повеќе играта што ја нема, не оставаат многу простор за оптимизам, но шансата се уште стои отворена. Барем до вечерва.

Да, репрезентацијата е нешто подмладена и никој не бара да биде лика и прилика на претходната. Но, не и да биде бесконечно долго во транзиција, со експериментална селекција и со некоја  замислена, но нереализирана стратегија за која тешко некој признава дека е погрешна дури и кога резултатите бодат очи како шило, а времето поминува година по година…

Да, ние сме една од најмладите репрезентации на ова СП во просек, но капитенот ни е веќе со 38-ка, некои од „децата“ се веќе и со по две деца, а во првата постава која всушност е и носител на играта, само Серафимов е од „новиот милениум“ со 23!

Впрочем, и не треба многу да се фаќаме за годините, туку кој е добар и помалку добар играч, нели често токму за тоа не „поправаат“ нас новинарите. Но, ако сепак, преферирате бројки, просечната возраст на Македонија е 25,6 години, на Аргентина 29,3.

Едната е во просек најмлада, другата е најстара во групата. И двете имаат по два двоцифрени порази од Норвешка и од Холандија во првите две кола. Нашата „младина“ со 22 гола во негатива, аргентинските „ветерани“ со еден помалку. Во глобала, млади или стари, тука некаде сме на исто.

Кој победи вечерва, тој продолжува.

А, мене веќе ми е време да тргнам кон „Таурон Арена“, да не ми отиде „црни Маки“, кој ќе чека после друг…