Димитријески: Знаевме што сакаме и имавме контрола на мечот

Тимот на Куманово по пауза од три сезони го освои трофејот во Купот на Македонија со триумфот над Вардар со 32-31.

Тренерот на екипата Славиша Димитријески вели дека неговите ракометарки одиграа малку во грч, но на крајот е задоволен.

„Девојките од Вардар вчера покажаа дека имаат квалитетен и млад колектив, знаевме каква ќе биде тактиката за нас. Моите ракометарки одиграа малку во грч, можеби затоа што вчера не игравме во полуфинале за разлика од вардарки. Но топка е, можеше на било кој начин да заврши мечот, иако ние бевме благи фаворити.

Тој вели дека можеби предноста на Куманово беше што влегоа поодморени во мечот.

„Ние потфрливме во тактиката во одреден дел од натпреварот. Но и тоа е ок, сепак се игра финале. Некои девојки може да се носат со притисикот, некои се уште не и треба да растат. Направивме по некоја техничка грешка, но имавме контрола на мечот знаевме што сакаме, бевме поодморени за разлика од Вардар. Ова е турнир, друг приод на игра за разлика од првенство. За жал на македонскиот ракомет, Металург се откажа, па ние одморивме“, продолжи Димитријески.

Тој го презема тимот по заминувањето на Драгана Ристова на полусезоната и оствари добар резултат.

„Откако завршив како играч почнав во младинските категории на Куманово, мислам дека ми требаше малку време да се ‘калам’ уште некое време. Добро ми оди, добри се девојките, се надевам добар сум и јас, сакам да продолжам и да останам во ракомет“, заврши Димитријески.

Куманово се избори за учество во Европскиот Куп и тоа ќе биде предизвик плус за следната сезона.