Димитриоски: Резултатот ни е во втор план, младите играчи добиваат шанса

Тимот на Металург денеска ќе го одигра првиот од два меча против Висла Плоцк во Лигата на Европа.

Тренерот Оливер Димитриоски повторно имаше проблеми во составувањето на екипата бидејќи ќе отсуствуваат сите поискусни играчи.

„Знаете дека сме некомплетни за овој дуел, знаете каква ни е целата ситуација. Во Плоцк сме дојдени со три поискуни играчи и речиси со младинската екипа. Очекуваме да изиграат многу подобро отколку што изиграа со Чеховски Медведи. Очекувам да видам борба, желба за топка, желба за надигрување. Резултатот како резултат воопшто не ни е во преден план. Овие натпревари целата ситуација од една страна можеби е хендикеп, но од друга е шанса плус за младите играчи. Ова го кажувам од аспект што овие млади играчи не собираа искуство во Супер лига за да играат во Лига Европа, туку собираат искуство во Лига Европа за да играат во Супер лига“, вели Димитриоски.

Во составот на Металург за двата натпревари со Висла Плоцк, денеска и во вторник, поради здравствени причини, ги нема Златко Хорват, Марко Тарабокија, Милан Лазаревски, Мице Шилегов и Тео Тодески, а шанса да настапат во Лигата на Европа ќе добијат Александар Петковски и Давид Брестовац.

„До лани работев со овие деца, ги следам подолго време и мислам дека тие се вистинска перспектива не само за Металург туку и за македонскиот ракомет. Не велам дека се стасани како комплетни играчи, да не ме разберат и тие погрешно, треба уште многу да работат, но се истакнуваат над другите. Александар Петковски веќе се покажува како зрел, сериозен играч. Давид Брестовац е голем работник, не треба да му кажеш ни збор на тренинг за тоа да го одработи. Има играчи што уживаат во тоа што го работат и оние што функционираат под присила, работи за да го одработи. Кај овие играчи предност е што сакаат да работат“, продолжува Димитриоски.

Новото засилување Василије Калуѓеровиќ, деновиве и се приклучи на екипата и на дуелот со Висла ќе дебитира во дресот на Металург. Црногорскиот ракометар поради административни пречки, не може да настапи на денешниот прв меч против Висла Плоцк, но ќе биде во составот на металурзи за вториот дуел во вторник.

„Искрено не знам колку ќе може да ни помогне. Сакам Калуѓеровиќ да се вклопи што побрзо, сакам да се покаже во најдобро светло, да ни помогне. Да се покаже како вистински трансфер што ќе може да ни помогне, не толку во Лига Европа колку во домашното првенство“, заврши Димитриоски.

Натпреварите меѓу Висла Плоцк и Металург се играат вечерва од 20:45 часот и во вторник од 18:45 часот во „Орлен Арена“.