Димитриоски: Од бебе сум со топка в раце, а од една година в сала

Репрезентативецот на Македонија, Димитар Димитриоски минатото лето од Металург се пресели во Вардар и сезонава игра во тандем со Тимур Дибиров на позицијата лево крило во редовите на актуелниот шампион од Лигата на шампионите и СЕХА лигата.

Потекнува од ракометно семејство така што само ја продолжува традицијата со игрите во овој спорт.

Димитриоски претходно играше за металурзите со кои беше дел и од Лигата на шампионите и од СЕХА така што веќе има неколку сезони настапи во овие натпреварувања и добро знае како е да се игра на тие дуели.

„Во Металург бевме млада екипа, која се бореше и во двете натпреварувања. Сепак, Вардар е клуб со многу поголеми амбиции кој ги брани титулите и двете работи не можат да се споредат бидејќи млада и перспективна екипа која се бори во Ц и Д групите во ЛШ и во СЕХА е една работа, а бранител на трофеи е сосема друго. Според мене не може да се направи споредба“.

Имаш одлични предиспозиции за позицијата на која што играш. Како воопшто го засака ракометот?

„Од својата прва година сум во сала. И мајка ми и татко ми беа ракометари. Немав проблем да го засакам ракометот. Уште како бебе од една година сум бил во сала со ракометна топка. Предиспозиции имам така е, но не знам колкумина знаат дека јас играв среден бек и во Металург. Малку на почеток ми беше тешко. Имав скок и сè, но треба многу учење“.

Се зборува ли дома за нешто друго освен за ракомет и за спорт?

„Секако дека 80% од разговорот дома е за ракомет. Во спортско семејство темата сигурно нема да биде читање книги туку дека ќе се зборува за ракомет, за спорт, за тренирање и што и како треба за да се напредува“.

Кој е поголем критичар? Кој повеќе укажува на грешки?

„Татко ми секако. Тој ми беше тренер и еден дел добро знаат како го поминував времето со него. Сите ќе речат татко ти ти е тренер и полесно е, но не е така. Секогаш си најмногу виновен за сè и секогаш мораш да направи трипати подобро од другите и да докажеш на терен. Ние го гледавме тоа поинаку. Кога си на терен нема татко и син туку играч и тренер и ние така и го гледавме тоа. Немав некоја олеснителна околност од тоа“, вели Димитриоски во интервју за СЕХА.

Во моментов е пауза во сите натпреварувања, па и Димитриоски како и сите други спортисти се подготвува индивидуално за она што претстои откако ќе биде симната забраната за групни собирања поради коронавирусот.