Дибиров стави точка на 49. Струшки турнир – После 70 минути Вардар се реваншираше и го доби пехарот

Ракометарите на Вардар му се реваншираа на тимот на Еурофарм Пелистер за ланскиот пораз на Струшкиот турнир, како и за поразот во Супер купот на Македонија пред некој ден откако денеска дојдоа до триумф од 33:32 откако беа одиграни 70 минути бидејќи после 60 минути беше 28:28.

Во текот на целото прво полувреме имаше неизвесност односно постојано имаше игра во која постојано имаше резултатска тензија. И едниот и другиот тим се обидуваа да дојдат до погодок за гол повеќе водство, но тешко одеше бидејќи и двата состави се обидуваа да го кренат нивото.

Ваквата игра траеше 30 минути и никој не успеа да создаде предност која ќе може да му даде помирно продолжение. Голманите Томовски и Секељ имаа свои моменти и беа на ниво така што помагаа на одбраните.

Таквиот ритам овозможи да се ма еден гол предност на одмор од 15:14 за „црвено-црните“, што беше најава за голема игра и во вторите 30 минути.

Играта тргна мирно и беше и понатаму неизвесно. До 17:17 беше нерешено, а потоа Еурофарм Пелистер го презеде водството под своја контрола. Дојде до плус два гола, 20:18 и тргна во подобар период од средбата.

Одбраните не беа така цврсти така што одново лесно се постигнуваа голови, па така се влезе и во финишот. Еурофарм Пелистер беше во позитива, а на пет минути до крај имаше 25:23. Имаше брз гол од Вардар за намалување, но при 26:24 битолчани се одбранија. Сепак, Томовски и Гаџа успеаја да го зачуваат Вардар во игра за победа. Со два гола го израмни резултатот на 26:26 и завршните моменти од средбата беа уште повозбудливи.

На минута до крајот Вардар остана без двајца играчи, но и во таква ситуација имаше реализација од двете страни. Еурофарм Пелистер погоди од пенал, а Вардар од игра. Божиќ-Павлетиќ промаши шут за победа, па на крајот беше 28:28, па средбата влезе во продолженија.

Во првите пет минути резултатот беше 3:2 за битолчани. Головите за Еурофарм Пелистер беа дело на Мирко Радовиќ, додека за Вардар реализираше Тимур Дибиров, па во второто продолжение дојде минимална предност за Еурофарм Пелистер од 31:30. Двајцата продолжија да се надигруваат и до 32:32 имаа по четири гола во продолженијата.

Имаше неколку нереализирани напади, а тогаш имаше пробивање од Еурофарм Пелистер. Вардар доби шанса за победа, а Георгиевски одлично втрча на терен и обезбеди пенал на три секунди до крајот од средбата. Тимур Дибиров со десеттиот погодок беше играчот кој донесе трофеј за Вардар на 49. Издание на Струшкиот турнир.