Дибиров: Оваа екипа знае кога треба да се даде 100, а кога 120 проценти на терен

На својот седми Ф4,  Тимур Дибиров ќе се обиде заедно со своите колеги од Вардар да продолжи со успешните настапи на завршните турнири во СЕХА. Тој го знае рецептот за успех на овие натпреварувања, но вели дека мора да се биде внимателен и секако да се даде максимумот.

Тој се потсети дека и во 2014 година кога дојде во Вардар исто така не беше лесно и дека и тогаш никој не може на Ф4 да каже дека Вардар е фаворит или аутсајдер.

„Јас со Вардар играв на Ф4 во 2014 година и тогаш не мислев дека сме аутсајдери или фаворити. Секој Ф4 е поразличен во однос на регуларниот дел. Тоа е разлика на оваа екипа, која знае кога треба да се даде 100, а кога 120 проценти од можностите. Сега ситуацијата е поинаква затоа што порано влегувавме посигурни и поподготвени, но има причини зошто сега е поинаку. Јавноста од нас очекува повеќе од она што го прикажавме на терен и не сакам да се оправдувам“, вели Дибиров.

Противникот во полуфиналето е одлично познат и тој смета дека утревечер ќе биде подобро отколку на последниот натпревар.

„Играме полуфинале со Загреб на овој Ф4 и со секој натревар мораме да прикажеме барем малку подобра игра од претходниот. Не треба да летаме во облаци и да мислиме дека можеме да направиме наеднаш. Сега ни треба поддршка бидејќи сме практично нов тим. Сите играчи си даваме голема поддршка заедно со тренерот. Ова е тежок период и мораме да го поминеме. Кога ќе почнеме да победуваме ќе се забрза за 2-3 пати“.

Што се однесува до натпреварот таму ќе се соочат две екипи кои се во приближно иста ситуација.

„Загреб исто се соочува со ситуација како и ние. Изменија многу ракометари, а имаат и нов тренер. Во потрага е по игра и е во ситуација која е многу слична на нашата.  Кога имаш квалитетни играчи тогаш во еден натпревар може сè да се случи. Според мене на терен ќе бидат две екипи кои го бараат својот лик по кој ќе бидат препознатливи. Ќе видиме утре кој успеал да стигне до тоа“, изјави Дибиров.

Натпреварот се игра утревечер од 20:30 часот и ова ќе биде второто полуфинале кое се очекува со големо нетрпение.