Дибиров најпрецизен – Загреб освои бод против Висла Плоцк

Хрватскиот првак ППД Загреб имаше напад за победа, но последниот упатен удар на Милош Кос заврши во рацете на гостинскиот голман Кристијан Пилиповиќ, па средбата од А групата на лигата на шампионите заврши со реми, 26-26. Тимур Дибиров беше најпрецизен на средбата со 6 гола, од што пет постигна во првото полувреме.

Со поделбата на бодовите Висла има пет бода и остана на четвртото место, а ППД Загреб е претпоследен со 3 бода.

Колку што домашните ракометари на ППД Загреб имаа шанса и сигурно ќе жалат за пропуштената шанса, така и гостите од Полска ќе имаат што да анализираат бидејќи во две третини од средбата имаа водство, неколкупати со три гола. Дуелот се играше во Вараждин бидејќи салата во Загреб била зафатена со концерт.

Во тимот на ППД Загреб го немаше Иван Чупиќ, а и кај гостите поради повреди недостасуваа ракометари. Иако дотогаш имаа негатива која се обидуваа да ја стигнат Хрватите дури во 47 минута првпат поведоа, 23-22 со голот на Сиротиќ. Потоа се играше “гол за гол“. Последните три минути беа само дуели од кои немаше голови, иако и двата тима имаа свои шанси.

Од почетокот Висла поведе, а Загреб единствено успеваше да израмни, но не и да поведи. При резултат 6-8 во контра статива погоди Крајевски, по што тренерот на ППД Загреб мораше да побара тајмаут во 17 минута. Се врати Загреб во игра, израмни на 11-11, а потоа Висла пак „избега“. Во 28 минута преку Гонзало Перез гостите првпат зголемуваат на „плус 3“ 15-12. Но, до крајот пак Загреб намали на 15-14.

Во второто полувреме пак Висла тргна добро и поведе и имаше „плус 3“ во 37 минута (21-18). Загреб не се откажа од намерата да освои барем бод, па така полека намалуваше, ама немаше среќа да победи.

Тимур Дибиров постигна 6 гола за Загреб, а по четири дадоа Сиротиќ и Матановиќ. Кај гостите Сердио Гунтин даде 6 гола, а Ловро Михиќ 5 гола.