Дибиров леташе по теренот, Загреб стигна до првата победа во ЛШ!

Екипата на Загреб предводена од екс ракометарот на Вардар, Тимур Дибиров, се израдува на првата победа во Лигата на шампионите во новата сезона, откако во натпревар од 3. коло од најквалитетното европско натпреварување славеше над незгодниот состав на Порто со 29:23.

Избраниците на Обрван одиграа одлични први 30 минути, во кои ја имаа контролата на теренот и беа подобриот противник во однос на гостинот од Португалија. Загреб во првото полувреме во нападот ги имаше расположените Дибиров и Кавчиќ, додека меѓу стативите солиден беше Дино Славиќ. По нерешениот резултат од 3:3, домаќините со два гола во низа се одлепија на 5:3 и до полувремето имаа активен резултат.

Загреб во неколку наврати водеше со три-четири гола разлика, 6:3, 7:4, 9:6, 11:8, а пред крајот на првиот дел водството на „плинарите“ изнесуваше и четири гола разлика, 13:9. Порто немаше многу идеја во нападите и во финишот на првиот дел се обидуваше да фати приклучок и да се врати во игра. Загреб на полувреме замина со минимална предност од 16:15.

Порто за неколку минути игра во вториот дел дојде до израмнување на резултатот, 18:18, и во тој момент стана јасно дека само нијанси ќе одлучуваат кој ќе ја добие денешната битка. Сепак, домашниот состав со серија од 3:0, односно со погодоците на Дибиров и Кларица се одлепи на 21:18 во 45 минута и никако не дозволуваше гостите повторно да се вратат во дуелот.

Домаќините во последните десет минути влегоа со водство од 25:21 и во финишот рутински ја завршија својата задача, со што се израдуваа на првите освоени бодови во Лигата на шампионите за новата сезона. Порто сѐ предаде во последниот период и му дозволи на домаќинот многу лесно да дојде до победа.

Најефикасен на натпреварот беше членот на Загреб, Тимур Дибиров со десет погодоци, додека втор стрелец во победничката екипа беше Алекса Кавчиќ, кој имаше шест реализации. Македонскиот голман Никола Митревски на голот на Порто забележа осум одбрани и успеа да фати три пенали, два на Дибиров и еден на Чупиќ.