Дибиров: Загреб ќе има што да покаже, ќе бидеме изненадување за сите!

Хрватскиот шампион Загреб денеска ја официјализираше соработката со рускиот интернационалец, левото крило, Тимур Дибиров, кој од 2013 година настапуваше во редовите на Вардар и во „црвено-црниот“ дрес освои две титули во Лигата на шампионите, сезона 2016/17 и 2018/19.

Хрватскиот тим профитираше од неиграњето на Вардар во Лигата на шампионите, па го ангажираше „летечкиот Русин“ во своите редови. Дибиров во Загреб ќе биде замена за довчерашниот капитен на екипата, Давид Мандиќ. Како што е веќе познато, Мандиќ во новата сезона ќе настапува за бундеслигашот Мелсунген.

Во Загреб веќе настапува уште еден екс ракометар на Вардар, Иван Чупиќ, а дресот на хрватскиот шампион од наредната сезона ќе го носи и Вуко Борозан, ракометар, кој исто така настапуваше во Вардар.

,,Многу сум среќен што доаѓам во Загреб, клуб со богата историја и клуб од чии редови произлегоа многу големи имиња на хрватскиот и европскиот ракомет. Знам дека ќе го дадам максимумот на секој тренинг и натпревар и мислам дека заедно можеме да постигнеме добри резултати. Сум играл со некои играчи претходно, како Борозан и Чупиќ, исто така сум се натпреварувал со некои, а со некои допрва ќе се сретнам. Сметам дека ростерот на Загреб е добро направен и мислам дека е идеална комбинација на младост и искуство. Загреб има што да покаже во новата сезона и мислам дека пријатно ќе изненадиме многумина”, изјави Дибиров за клупската страна на Загреб.

Освен двете европски титули, Дибиров со Вардар освои и четири титули во СЕХА лигата, како и седум титули во Суперлигата и седум во Купот на Македонија.

ОФИЦИЈАЛНО: Дибиров го замени Вардар со Загреб