Десподовска и Кобержице на чекор до второ место во Полска

Тимот на Кобержице, каде што игра македонската интернационалка Зорица Десподовска, ја продолжи победничката серија во полскиот шампионат.

Кобержице славеше на гостински терен во дерби мечот кај составот на Лублин со 24-22 во натпревар од 5 коло во плеј-офот.

Десподовска беше меѓу најдобрите поединци во победничката екипа и успеа да постигне четири погодоци.

Кобержице сега има 52 бода, се искачи на втората позиција и го симна Лублин едно место подолу, па се наоѓа само на чекор до место во Лигата на Европа.

Во следното коло Кобержице и Десподовска ќе играат на гостински терен против поранешната нејзина екипа, Пјотрковија.