Деспина издржа едно полувреме, но бодовите останаа во Свети Николе

Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет во натпревар од петтото коло од Женската лига ја совлада Деспина од Прилеп со 33:27 (14:13). Еден од најдобрите стрелци од минатата сезона Елена Вучевска беше креаторот на играта во победничката екипа и со 12 погодоци, од кои седум беа во вториот дел го водеше својот тим до четвртата победа во новата натпреварувачка сезона.

Гостинките од Прилеп во дуелот со амбициозниот тим на Овче Поле Славјански Универзитет издржаа само едно полувреме, додека во вториот дел поради кратката клупа немаа многу опции во нападот. Домаќинот во речиси најголемиот дел од првото полувреме беше во минимална предност од еден до два гола разлика, но составот на Деспина не се предаваше и сѐ уште беше во игра за освојување на бодовите.

И двете екипи се менуваа во водство во првиот дел, најчесто Овче Поле Славјански Универзитет беше екипата која водеше и ниту една од двете екипи не можеше да се одлепи на поголема разлика и да направи сериозна резултатска предност. По 30 минути игра резултатот беше 14:13 за составот на Бетувски.

Во вториот дел откако резултатот беше 16:14, домаќинот со серија од 5:0 се одлепи на 21:14 и во тој момент го скрши отпорот на гостинот од Прилеп. Екипата на Деспина до крајот немаше сили да се надигрува со тимот на Овче Поле Славјански Универзитет, кој рутински ја одржуваше предноста од пет до шест гола разлика и во последниот период го водеше мечот до сигурна победа.

Најефикасни во победничката екипа беа Елена Вучевска со 12 и Марија Галевска со седум гола. Кај Прилеп се истакнаа Мери Спиркоска и Михаела Петреска со седум реализации.