„Десетка“ за Мицевска, Ница потклекна пред Париз

Тимот на Ница, каде што тренер е Марјан Колев, а голот го чува Јована Мицевска, беше поразен во 14 коло од францускиот шампионат.

Ница загуби на домашен терен од составот на Париз со 18-23, а клучната предност гостинките ја направија во првиот дел кога беше 6-11.

Македонската репрезентативна голманка Мицевска беше на голот цел натпревар и успеа да собере 10 одбрани од 30 удари.

Таа брани во одлична форма сезонава и сигурно ќе биде еден од главните адути за дуелите од ЕХФ Евро Купот на Македонија против Словенија и Норвешка.

Ница во следното коло повторно игра на домашен терен, овојпат против Мерињак.