Денеска истече рокот – РФМ пријави три македонски тима во Лигата на шампионите!

Денеска е последниот ден од рокот во кој националните федерации треба да ги пријават клубовите за учество во најелитното европско натпреварување во двете конкуренции.

Ракометната федерација на Македонија достави пријави до ЕХФ за три македонски тима, два кај мажите – Вардар и Еурофарм Пелистер, како и Куманово во женска конкуренција.

Во текот на оваа седмица, европската куќа на ракометот ќе ја достави цела документација за учество до клубовите, а тие најдоцна до 9 јуни треба да ги испратат сите пополнети документи назад.

Вардар добива директно место во групите од Лигата на шампионите, додека за Еурофарм Пелистер се бара вајлд-карта.

Во женска конкуренција Куманово е во специфицична ситуација. Со оглед на тоа што РФМ реши да важат ланските резултати за Европа, Куманово е пријавен во ЛШ како вицепрвак, со оглед на тоа што Металург како шампион се откажа. Но и покрај тоа, Куманово би требало да го добие загарантираното место во групите од ЛШ.

По собирањето и разгледување на сите пријави и документации од клубовите, ЕХФ во периодот меѓу 15 и 19 јуни ќе ги објави учесници во најелитното европско натпреварување, а ждрепката ќе се одржи на 1 јули.