Делчево продолжува да реди победи, совладан беше и Кичево

Делчево Вардар на домашен терен триумфираше убедливо против Кичево со 36:25 во рамките од 12. коло од плеј-аут групата во Првата лига.

Ракометарите на Делчево Вардар иако имаа водство на почетокот од 3:2, гостите од Кичево преку Стојчески израмнија на 3:3. Сепак, избраниците на Гоце Стоиловски во продолжението дојдоа во ситуација да создаваат солидна предност. По петнаесетина минути игра, Делчево Вардар имаше плус четири гола разлика 12:8.

До крајот на првото полувреме, домаќините го зголемуваа водството и заминаа на полувреме со предност од 19:12.

Во второто полувреме, Делчево Вардар продолжи во уште побрз ритам, не им дозволи на гостите ни најмалку надеж, а водството постојано го зголемуваа од минута во минута. Крајниот исход од 11 гола разлика беше само потврда за одличната игра на победникот во текот на второто полувреме.

Победничкиот тим беше предводен од Мирче Ѓорѓиев со 13 гола, а неговиот колега, Павле Стоиловски постигна девет. Во екипата на Кичево, Константин Љакоски беше прв стрелец со осум гола.