Дебитантот во победнички ритам, убедливо до нов триумф

Ракометарките на Шампион забележаа уште една победа во деби сезоната во Женската лига. Денеска беа подобри од Кузман Вардар со 37:19 во натпревар во кој доминираа од почетокот на средбата.

Шампион го отвори натпреварот со 8:0 и веќе во 9. минута го реши победникот бидејќи овие осум гола разлика во продолжение само се зголемуваа. Гостинките не можеа да следат, а расположените Димитриевска и Неделковска ги водеа олешките кон одличен резултат.

На полувреме резултатот веќе беше со голема предност за Шампион. Водеше со 20:8 така што остана само да се доработи задачата и да се дојде до три бода. Гостинките не направија ништо во продолжението така што беа немоќни за да се изборат за подобар резултат и мораа да се помират со пораз на овој дуел.

Шампион со ова стигна до втора победа откако на старотот од сезоната победи кај Овче Поле, а потоа во 2. коло тимот беше слободен. Кузман Вардар засега е без бодови.

Денеска Димитриевска беше убедливо најефикасна со 13 гола, додека Неделковска со 10 погодоци остана зад неа. Во тимот на Кузман Вардар, Вања Ангеловска со десет гола беше најефикасната.