Двојна програма за македонските судии во Лигата на шампионите

Две судиски двојки од Македонија викендов ќе имаат задача во рамки на Лигата на шампионите, а се работи за реванш натпревари од осминафиналето во женска конкуренција.

Силвана Карбеска и Марија Илиева се делегирани за натпреварот меѓу ЦСКА Москва и Крим Меркатор така што ќе имаат можност да и судат на Сара Ристовска. Средбата се игра в сабота во Москва, а на овој дуел делегат е Јован Попадиќ од Србија.

Екипата на ЦСКА Москва има негатива од првиот дуел против Крим од пет гола и ќе мора да надомести за поразот од 20:25.

Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, пак, ќе судат на средбата меѓу двете екипи од Романија, ЧСМ Букурешт и Рамницу Влчеа. Овде ситуацијата е поинаква бидејќи ЧСМ Букурешт на првиот натпревар како гост славеше со 33:24 и ќе има лесна задача на свој терен.

И овој натпревар исто како и тој во Москва се игра в сабота, а делегат на овој дуел е Бугарката Росица Димкова.