Двократен шампион со Вардар во ЛШ ќе игра за тимот на Клуж

Ракометарот кој ја освојуваше титулата во Лигата на шампионите со екипата на Вардар, Јања Војводиќ во новата сезона ќе го носи дресот на екипата на Клуж од Романија.

Интернационалецот од Србија се договори со клубот кој настапува во романскиот шампионат, а за него ќе игра во следната сезона.

„Среќен сум што сум дел од овој добар проект во тимот кој е добро избалансиран и во него има спој на млади и искусни играчи. Мислам дека заедно можеме да направиме добри работи за ракометот во Клуж“, вели Војводиќ.

Тој ја освојуваше титулата во Лигата на шампионите со Вардар во 2017 и 2019 година, а после втората круна заврши со своите игри во дресот на „црвено-црните“ откако мина три сезони во екипата.

Играше во Полска, Шпанија, беше дел од Металург и од Баја Маре, лани настапуваше и за Дубочица Лексковац, а сега се враќа во Романија.