Две муви со еден удар – Трофејот во Скопје носи место на ЕП и за кадети и за младинци!

Машката кадетска репрезентација од денеска го започнува настапот на ЕХФ шампионатот во Скопје. Ривали во групата на избраниците на Кире Лазаров ќе бидат Грција и Полска.

Денеска противник е јужниот сосед, а со победа на овој меч, кадетите веќе ќе обезедат место во полуфиналето на ЕХФ шампионатот, па дуелот со Полска ќе биде само за прво место во групата.

Доколку го освојат овој турнир, за што шансите не се воопшто мали, кадетите ќе обезбедат место за Македонија на следните Европски првенства, и во кадетска и во младинска конкуренција во 2022 година.

Доколку пак кадетите играат во финале, но загубат, останува шансата за место на ЕП во кадетска и младинска конкуренција следната година, но во дополнителни квалификации со финалистите од ЕХФ шампионатите во Бугарија и Летонија, како и најслабите три селекции од ЕП во Хрватска што се игра следната недела.

Од следните кадетски ЕХФ шампионати што ќе се играат во 2022 година, победниците не само што ќе обезбедуваат место на ЕП, туку ќе се пласираат и на Мундијалите.