Двајца повратници во Неготино – Мицев и Грозданов за посилен Вардар

Амбициозниот тим на Вардар Неготино, кој во пролетниот дел од сезоната ќе биде предводен од легендарниот Петар Ангелов, има две нови засилувања.

Станува збор за чуварот на мрежата Александар Мицев, кој потекнува од Неготино, а во меѓувреме бранеше за Младост Богданци, Радовиш и Тиквеш.

Тој ќе им се приклучи на Петар Ангелов, Дарко Јефремов и Александар Недев, па неготинци имаат одличен квартет на голманската позиција.

Вториот старо-нов играч е средниот бек Илија Грозданов, кој по кратката пауза се враќа на ракометните терени во дресот на Вардар Неготино.

Станува збор за искусен организатор на играта, кој освен во Тиквеш, настапуваше и за Драчево и Пролет во минатото.

Вардар Неготино е лидер на табелата во групата А од Првата лига и има 11 победи и само еден пораз на 12 меча со 33 бода. До крајот на регуларниот дел од прволигашкото натпреварување има уште пет кола.