Даскалоски за 24 Ракомет: Добро е што се четири разлика, поголема предност може да нè опушти

Екипата на Бутел Скопје ќе понесе четири гола предност на реваншот во Украина кој следната недела ќе се одигра на теренот на ЗТР Запорожје. Бутел Скопје победи со 18:14 на првиот дуел и овој триумф секако е знак дека може да се игра и на реваншот со тимот од Украина.

„За мене ова не е прва победа во европските купови, но за поголемиот дел од играчите во Бутел ова е прв триумф. Фокусот на тренинзите во текот на оваа недела беше ставен на одбраната, со оглед на тоа што се работи за многу искусна и квалитетна екипа бидејќи се работи и за вицешампион на Украина. Максимално одработивме за одбраната, но сега ќе мораме за реваншот дополнително да се подготвиме за во напад. Промашивме многу зицери на првиот меч и ќе мораме да надоместиме. Според мене е подобро што е четири разлика отколку да беше повеќе. Ако беа повеќе голови балканскиот менталитет ќе ни дозволи да се опуштиме, а со овој резултат ќе треба да се бориме максимално 60 минути“, изјави голманот на Бутел Скопје и еден од најискусните ракометари во тимот, Златко Даскалоски.

За вториот дуел кој се игра в недела во Украина вели дека мора да ја поправата играта во напад и реализацијата доколку сакаат позитивен резултат.

„Мораме и на реваншот да одиграме максимално во одбраната и повеќе да се фокусираме во нападот. Да ги реализираме тие зицери. Подобро ќе изиграме ако влечеме полуконтра и контра. Се работи за високи ракометари, габаритен состав во кој има репрезентативци кои играат многу добра одбрана и затоа ќе мораме да одиграме брзо. Мислам дека ќе одлучува одбраната и за нив и за нас“, рече Даскалоски.

Голманите на првиот меч имаа заедно околу десетина одбрани, но поради одличната одбрана. Сепак, на реваншот секако ќе бидат уште попотребни за да се успее во намерата да се дојде до позитивен епилог во двомечот.