Даскаловски блескаше на голот, Голден Арт победнички низ Автокоманда!

Тимот на Голден Арт забележа победа во првото коло од новата сезона во Супер лигата, откако славеше кај новиот суперлигаш во Автокоманда со 26-25, во натпревар кој можеше да го реши многу порано. Јунак на мечот е искусниот голман на Голден Арт, Златко Даскаловски, кој забележа 20 одбрани и ги откажа домашните ракометари на овој натпревар. Новиот суперлигаш во финишот се доближи на минус еден, имаше шанса и за реми, но Даскаловски го одбрани последниот шут на домашните.

Избраниците на Владимир Глигоров отворија со предност од 3-0, а водеа и со 5-3, пред домашните да направат комплетен пресврт и да поведат со 6-5. Имаше новиот суперлигаш шанса и да зголеми водство, но не успеа.

Пред домаќините најчесто се испречуваше голманот Златко Даскаловски, кој само во првиот дел собра 13 одбрани. По 7-7, Голден Арт преку брзиот Шилегов и Миланов успеа да стигне до највисоки плус четири, 11-7.

Уште во неколку наврати голманот Даскаловски ги излуде ракометарите од Автокоманда и неговите соиграчи до паузата ја задржаа предноста од четири погодоци, 16-12.

Како застана во првиот дел, Даскаловски така продолжи и во вториот дел, а Ончев донесе плус пет за Голден Арт, 17-12. За момент момците на Иван Марковски се вратија на минус два, 20-18, но Миланов го зголеми водството на Голден Арт.

Се зголемија грешките кај гостинските ракометари и на десетина минути до крајот домашниот тим успеа преку кадетскиот репрезентативец Карасманакис да го врати неговиот тим во игра, 22-21.

Во продолжение Голден Арт играше одлично во одбраната со Трајковски и Даев па домашните немаа многу решенија. Беше 25-22, потоа со голот на Милошески 26-23 и беше најавена премиерната победа на гостинските ракометари во новата сезона.

Тимот од Автокоманда не мислеше однапред да се предаде и преку Карасманакис успеа да намали на 26-25, а имаше шанса и за реми, но пред Костовски се испречи Даскаловски, па на триесетина секунди до крајот, Голден Арт тргна во напад.

Не реализираа гостите, но немаше време ниту за домашните, па трите бода ги освои Голден Арт. Даскаловски беше јунак на мечот со 20 одбрани, додека најдобри стрелци беа Миланов со осум и Шилегов со седум гола. Кај поразениот тим се истакнаа Карасманакис со седум и Тодески и Димовски со по пет погодоци.