Данците лути: Ања Андерсен е првото име што требаше да влезе во „Куќата на славните“

Европската ракометна федерација минатиот понеделник ја отвори „Куќата на славните“ во која на стартот влегоа 60 ракометари и ракометарки кои оставиле голема трага во овој спорт.

Во Данска се уште се коментира листата, а легендарниот Ларс Кристијансен вели дека неговата сонародничка Ања Андерсен требало да биде меѓу првите што влегуваат во „Куќата на славните“.

„Ако неа ја нема на првиот список, тогаш не знам каде треба да биде. Таму има многу имиња од нејзиното време, така што не можам да сфатам како не влезе во „Куќата на славните“. Ања беше на врвот толку многу време, па затоа никој не се сомнева дека таа беше најдобра на светот. Тоа што ЕХФ откри дека ќе се проширува друштвото е во ред, но овде станува збор за нешто што е многу очигледно. Ања Андерсен е името што прво ти доаѓа на памет кога се зборува за влијанието во женскиот ракомет во целиот свет. Тоа е исто како да не признаете дека Мајкл Џордан е еден од најдобрите кошаркари на сите времиња“, вели Кристијансен за данската ТВ2.

Покрај Андерсен имаше уште многу имиња што заслужија да влезат во „Куќата на славните“ уште во првиот круг, но ќе видиме следната сезона кои имиња ќе ги промовира ЕХФ.