Данска со „закана“ за Македонија, Словенија и Црна Гора – супериорно до трет триумф

Репрезентацијата на Данска и во третиот натпревар од Златната лига славеше сигурна победа против репрезетнацијата на Холандија со 33:19.

Данска целосно доминираше на натпреварот, а Николај Јакобсен им даде шанса за настап на сите ракометари во неговиот состав. На полувреме беше 16:10, а до крај Данска без проблеми оствари многу убедлива победа.

Киркелоке, Менсинг, Холм и Јохан Јансен постигнаа по четири гола во тимот на Данска, додека најефикасен на натпреварот беше играчот на Холандија, Каи Смитс со седум гола.

Данска со трите лесни победи и без главните ракометари испрати порака до Македонија, Словенија и Црна Гора дека ги чека тешка задача на Европското првенство во јануари.

Во вториот меч од Златната лига, Франција беше подобра од Норвешка со 31:25. Французите имаа водство и контрола во текот на целиот меч, на полувреме водеа 17:13, а до крај без проблеми стигнаа до победата.

Португалија и се реваншираше на Германија за поразот во првиот пријателски натпревар и славеше во Диселдорф со 32-20, додека исто така и Чесите им се реваншираа на Австријците за првиот пораз пред два дена и остварија триумф со 30-21.