Medals Ceremony, IHF 2023 Men's World Championship - POLAND, SWEDEN, Stockholm, 29.01.2023, Mandatory Credit © Sasa Pahic Szabo / kolektiff

Данска нема да игра квалификациски натпревари до 2027 година

Репрезентацијата на Данска, која пред извесен период го освои Мундијалот во Полска и Шведска и стана единствената репрезентација која трет пат по ред го освојува трофејот на шампионатот, до 2027 година нема да игра квалификациски натпревари за големите настани.

Данска на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Германија, има обезбедено директно место меѓу најдобрите репрезентации на континенталниот собир, бидејќи на ЕП 2022 во Унгарија и Словачка го освои бронзениот медал, откако во натпреварот за трето место ја совлада репрезентацијата на Франција со 35:32.

Избраниците на Јакобсен имаат директен пласман и на Олимписките игри во Париз (2024). Дирекниот пласман на најголемото светско натпреварување го обезбедија со освојувањето на златото на Светското првенство во Полска и Шведска.

Данците нема да играат квалификации ниту за Светското првенство 2025, бидејќи заедно со Хрватска и Норвешка ќе бидат ко-организатори на Мундијалот, ниту пак за Европското првенство во 2026 каде што повторно ќе бидат во улога на домаќин, овој пат со Шведска и Норвешка.

Ваквата ситуација значи дека на Данска и претстојат неколку години без квалификациски натпревари, па така репрезентацијата преку турнири ќе треба да ја одржува формата за големите натпреварувања.