Даниловски вети: Во плеј-офот ќе биде неизвесно и интересно…

Ракометарите на Охрид славеа на домашен терен со 22-20 против составот на Металург, кој досега беше без пораз во Суперлигата. Избраниците на Раде Стојановиќ губеа со три разлика во вториот дел, но направија голем пресврт во финишот.

Еден од творците на големата победа беше голманот Никола Даниловски кој во вториот дел беше несовладлив.

„Не ми е првпат да настапувам против поранешниот клуб Металург, но сепак победата не ми значи толку како индивидуален успех, туку како тимски. Овој триумф ќе ни даде уште поголема самодоверба за плеј-офот. Секогаш верувам во овој тим, бидејќи владее одлично пријателство меѓу нас, никој никогаш не остава никого на цедило. Знаеме колку вредиме и тоа ни беше најголемата мотивација кога губевме. Ако играме како што знаеме, против сите екипи во плеј-офот ќе биде неизвесно и интересно“, изјави Даниловски.

За Охрид останува да го одработи уште гостувањето во Автокоманда кај Металург 2 и потоа да се подготвува за натпреварите во плеј-офот.