Данецот Нилсен е нов член на Еурофарм Пелистер

Екипата на Еурофарм Пелистер во новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе биде посилна со поранешниот младински репрезентативец на Данска, Андрес Јохан Нилсен.

Данецот со тимот на Еурофарм Пелистер потпиша договор на една сезона, со опција за продолжување за уште една ако двете страни дадат согласност.

25-годишниот дански кружен напаѓач доаѓа во Македонија од данскиот прволигаш Морс, висок е 198 сантиметри, тежок 107 килограми и со своите настапи во земјата на светскиот првак во последните неколку години значително се наметна.

Пред да дојде во Морс, Нилсен го носеше дресот на Нордсјеланд, а има свои настапи и во младинските категории на данскиот национален тим. Официјалното претставување на Нилсен е предвидено по почетокот на подготовките во Битола.

Еурофарм Пелистер претходно се засили со Нејц Цехте од ГОГ, а во првиот тим ќе биде прекомандуван Павле Петровиќ. Договорот со новиот македонски шампион го продолжи Каспер Кисум, кој беше меѓу најзаслужните за освоената титула на битолчани.