Дамите во акција – двомеч против Црна Гора на стартот од ЕХФ Евро Купот

Женската сениорска репрезентација ќе ја има првата акција во новата сезона за помалку од месец дена.

Во рамките на ЕХФ неделата на стартот на октомври, Македонија со новиот селектор Љубомир Савевски ќе го одигра двомечот со Црна Гора во рамките на ЕХФ Еврокупот.

Првиот натпревар е на програмата во Скопје на 7 октомври во 20:15 часот, додека вториот дуел се игра во Подгорица на 10 октомври од 20:30 часот.

Селекторот Савевски наскоро треба да го објави и поширокиот список на ракометарки на кои ќе смета за оваа акција.

Македонија, Словенија, Црна Гора како организатори на ЕП 2022 година и Норвешка како европски првак не играат квалификации, но сепак играат натпревари во новото натпреварување под капата на ЕХФ кое првпат се игра во женска конкуренција.