Дали Вардар ќе има поддршка од трибините во ЛШ ќе одлучат – Вардар и Владата!

Европската ракометна федерација го објави протоколот по кој ќе се организараат клупските натпреварувања во новата сезона.

За тоа дали ќе има гледачи или не на натпреварите од Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Купот на ЕХФ, одлучуваат локалните власти во земјата каде што се игра натпреварот. Доколку биде решено да има гледачи, првите три реда од сите трибини треба да бидат празни, а има уште многу мерки кои треба да ги почитуваат гледачите на натпреварите.

Сите клубови учесници и национални федерации веќе го добија протокотот, па можат да започнат со организација на претстојните натпревари.

Фокусот на протоколот е „црвена зона“ на теренот, каде што ќе можат да бидат ракометари и официјални лица, кои претходно имаат негативен тест на коронавирус (не постар од 72 часа). Ќе има уште четири зони во сала, а според протоколот е предвиден максимум број на луѓе што ќе можат да бидат присутни.

Во „портокаловата зона“ ќе бидат официјалните лица на ЕХФ, обезбедувањето, ТВ екипите, медицинските лица, додека во „жолтата зона“ ќе бидат клупските претставници, статистичарите, спикерот и дел од ТВ екипите.

Во „зелената зона“ ќе бидат новинарите“, додека во „сината зона“ ќе бидат гледачите. Овој протокол ќе почне да се применува на 28 август, кога ќе се одигра првиот натпревар од оваа сезоната во европските натпреварувања, меѓу Ѓенѓеш и Бутел Скопје.

Секој клуб ќе мора да има „Ковид претставник“, што ќе биде одговорен за примената на сите точки од протоколот. Првиот натпревар под капата на ЕХФ во новата сезона ќе се одигра на 29 август во салата „Автокоманда“, каде Металург ќе ја пречека Спачва Винковци во првото коло од Лигата на Европа.